Собраниската Комисија за култура денеска се одложуваше неколкупати во три часа зашто пратениците од владејачкото мнозинство и од опозицијата имаа различни ставови околу кворумот односно кој може да биде заменик член за да учествува во работата на ова собраниско тело.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека заменскиот член треба да биде од иста партија како членот, а не од заедничка коалиција, додека претседателката на Комисијата Ирена Стефоска ги упати на деловникот за работа на собраниските тела. На барање на опозициските членови беше дадена пауза, но почетокот на седницата постојано се одложуваше, меѓу другото и затоа што пратениците беа и на други собраниски комисии кои денеска имаа седници.
Комисијата за култура на дневен ред ги имаше Предлог-заклучоците од надзорната расправа што ја организираше во март минатата година на барање на опозицијата, за културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година.
Според претседателката на собраниската Комисија за култура Ирена Стефоска, опозициските пратеници прават „евтин политички театар“ и намерно ја опструираат работата.
-Што се однесува до Деловниокот и барањето на опозицијата дека нема кворум, апсолутно не е точно. Тие многу добро ја знаат одлуката за фирмирање работни тела и го знаат Деловникот. Секој член на комисија може да определи кој било од замениците да биде присутен. Тоа беше класична злоупотереба за да не почне седницата, изјави Стефоска.
Во петокот таа, како што рече, им доставила на сите членови осум предлог-заклучоци од надзорната расправа за да расправаат за нив денеска. Нагласи дека надзорната расправа лани ја побарале токму пратениците од опозицијата, по што едногласно од сите членови била усвоена одлуката таа да се организира.
-Побаравме обемна документација од Министеството за култура додека ја подготвувавме надзорната расправа, поканивме и сослушавме над 15 клучни сведоци во врска со процесот на носење одлуки и доделување средства. Притоа, колегите од опозицијата до ден-денес не доставија список на сведоци. Предложениот список од наша страна го прифатија и така ја одржавме надзорната расправа. Потоа, откако ја одржавме, повеќе месеци се обидувам заедно да ги донесеме заклучоците од расправата. Во септември минатата година колегите од опозицијата самите побараа да ги донесеме заклуоците. Од кои причини се премислија во месеците потоа, навистина не знам, додаде Стефоска.
Покрај седницата за заклучоците од надзорната расправа, Комисијата за култура имаше закажано уште една седница – за Предлог-законот за оставрување на јавниот интерес во културата, за кој дојден да го образложи беше заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.