Издавачката куќа „Бегемот“ од денеска до 26 јануари во Кино Култура ќе го организира третото издание на интермедијалниот фестивал „АртАреа“, чија цел е да воспостави жива платформа за поврзување и дијалог меѓу авторите во различните културни домени и тенденции, спојувајќи ги во богата културна програма за време на три фестивалски дена.
Фестивалот вечер од 19 часот ќе прикаже две изложби – фотографска на Ѕвонко Плавевски и изложба на илустрации на Владимир Лукаш. Од 19.30 часот ќе биде промовиран романот „Пропаст“ на бугарскиот писател Владимир Зарев во издание на „Или-Или“, а од 20.30 ќе биде претставен и романот „Девет приказни за госпоѓа Сит“ на Билјана Црвенковска. Првиот фестивалски ден ќе заврши со џез-концерт на „Шамба трио“ од 22 часот.
На вториот ден од фестивалот утре ќе има проекција на филмот „Кружно патување“ на Жарко Иванов, „Правда за кратката проза“ со учество на неколку автори и поетско-музички перформанс „Вис тркалезна маса“.
„АртАреа“ ќе заврши в сабота кога на фестивалската програма се креативната работилница за деца „Добредојдовте во Страшкоград“ и претставите „Забранета љубов“ и „Марко патува околу светот“ на Театарот на сенки.
– Програмата сака да овозможи средба и спојување на сегментираната публика што ја генерираат прилично атомизираните области на културата. Во таа смисла, фестивалската заложба е да се збогати, но и да се преиспита значењето на современите културни практики. Со ова, проектот како свои клучни приоритети ги поставува културната интегративност и творечката интермедијалност, кои се покажуваат како нужни предуслови за развивање новаторска, богата и добро вмрежена култура, соопшти „Бегемот“.