МВР излезе со официјален став за инцидентот во Свети Николе.
Според полицијата лицата коишто биле во просториите на директорот на СУЦ “Кочо Рацин“, се одбор кој е формиран од локалната самоуправа за пречек и целокупна организација на лицата гости од Чичевац, Р.Србија.
„Гостите кои дошле по повод верскиот празник “Тодорова сабота“ се учесници во делот на културно уметничката програма на меѓународниот фестивал на изворен фолклор “Тодорица 2013“ како и организација по повод роденденот на трагично загинатиот полициски службеник од Свети Николе, Александар Серафимов за ден 24.03.2013.
Во присуство на невладини организации и на Истражен судија, како и на членови на партиите е извршен детален преглед на целата зграда со која располага СУЦ “Кочо Рацин“ вклучувајќи ги и канцелариските простории како и просториите коишто се наменети за “избирачки простории“ за денот на изборите, и од сите горенаведени присутни едногласно е констатирано дека немаат никакви забелешки или какво било нарушување на избирачкиот процес согласно Кривичниот и Изборниот законик на РМ.
Веднаш потоа во горенаведениот состав по барање на ИС и ОЈО при Основен суд Свети Николе е појдено во ОИК Свети Нколе каде е предочен доверливиот изборен материјал кој што е сместен во општинската зграда на локалната самоуправа на Свети Николе.Таму исто така е констатирано дека немаат никакви забелешки односно избирачкиот материјал за изборните места 1673 и 1674 како и целокупниот избирачки материјал за сите избирачки места на подрачјето на општина Свети Николе се наоѓаат во зградата на општина Свети Николе каде е обезбедуван од страна на УПС од ПС Свети Николе“, стои во соопштението.
Денеска, официјалниот став го пренесуваат сите медиуми, а синоќа, освен неколку портали, настанот беше криен и немаше ниту збор дека во просториите на училиштето има заклучени партиски активисти кои упаднеле во избирачките места наводно со себе носејки фалсификат изборни материјали.
Симпатизерите пак на другата партија го имаа блокирано училиштето однадвор и велеа дека нема да заминат се додека полицијата не ги приведе и одведе на распит оние кои се внатре.
Но полицијата со кордон ги извлече партиските активисти.
Првата информација беше дека се работи за состанок на училишниот одбор, а сега дека се работи за одбор кој е формиран од локалната самоуправа за пречек и целокупна организација на лицата гости од Чичевац, Р.Србија.