Бекот на македонската ракометна репрезентација, Филип Талески, кој беше прогласен и за играч на натпреварот при победата од 26-25 на дуелот со Украина, изјави дека тимот треба да игра максимално во сите 60 минути и да нема падови во играта како на првиот меч од Европското првенство во Австрија.
– Нема поубаво кога ќе стартуваш на едно големо натпреварување со победа. За нас ова треба да ни биде поука, бидејќи цели 50 минути го држевме натпреварот во рака и резултатот беше во наша полза, но на крајот требаше да решаваме во последните секунди и да преземе нашиот најискусен играч одговорност и да го постигне тој последен гол. Мислам дека не смееме да го правиме тоа на следните натпревари, треба да играме максимално цели 60 минути, без слични падови, бидејќи тоа може да не чини победа, изјави Талески по мечот.