Капиталните расходи во Буџетот за 2019 година се реализирани 78% во однос на проекцијата. Во апсолутен износ капиталните изнесуваат 17,8 милијарди денари, што е за 5,7 милијарди повеќе во однос на 2018 година или за 46,6% повеќе, рече министерката за финансии Нина Ангеловска презентирајќи ги првичните податоци за реализација на Буџетот за 2019 година.
Како што беше посочено, реализацијата на капиталните расходи во декември била исклучително добра со реализација на 6,7 милијарди денари капитални расходи, во рамки на кои се реализирани набавка на лесни оклопни возила за потребите за НАТО членството, гасификација, откуп на акции од АД ГАМА, инвертери, колекторски систем Охрид и други проекти.
-Ќе истакнам дека треба да продолжиме да работиме на подобрување на реализацијата на капиталните расходи. Еден од начините на кој може да се делува е фискалната транспарентност. Кога ја објавивме алатката за Капитални расходи со кои на располагање и ја ставивме на јавноста реализацијата по буџетски корисници веднаш потоа имавме подобра реализација скоро кај сите буџетски корисници. Понатаму, при планирањето на овогодишниот буџет, при утврдувањето на сумите кај капиталните проекти го земавме предвид и поведението на буџетските корисници, односно претходната реализација на капитални проекти. На долг рок подобра реализација на капиталните расходи ќе обезбедиме преку подобрување на среднорочното планирање на буџетот, како и преку воведување на интегриран систем за управување со јавните финансии предвидени со новиот закон за буџети – рече Ангеловска.
Таа како буџетски корисници кои имале највисока реализација на капитални инвестиции како процент од планираното и како апсолутен износ на реализација ги посочи Министерството за транспорт и врски со 3,4 милијарди денари или 85,4% од проекцијата, Владата со реализирани 2,9 милијарди денари или 98,9%, Министерството за одбрана со 1,2 милијарди денари или 81,3%, Министерството за внатрешни работи со 931 милиони денари или 92,2%, Министерството за финансии со 908 милиони денари или 87,9% реализација и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието со 718 милиони денари и 99,7% реализација.
Ангеловска рече дека буџетските приходи се реализирани во износ од 203,9 милијарди денари, што е 97% од проекцијата и е раст од 8,2% во однос на 2018 година. Во рамки на вкупните приходи, даночните приходи и придонесите се реализирани во износ од 97,2% или 178,9 милијарди денари, што е зголемување од 4,6% во однос на 2018 година. Придонесите се реализирани во износ од 101,2%, додека данокот на додадена вредност е реализиран во целосен износ од проектираното, односно 100% или во апсолутен износ 52,1 милијарда денари и истиот е за 5,7% повисок во однос на минатата година.
Вкупните расходи во 2019 година година се реализирани во износ од 217,6 милијарди денари (3,5 милијарди евра) или 95,3% од проектираното со буџетот. Ангеловска посочи дека со овие средства редовно се сервисирале обврските на државата како редовна исплата на плати и пензии, на социјални трансфери, субвенции, блок дотации кон општините итн.
Буџетскиот дефицит за 2019 изнесува 13,6 милијарди денари или 1,95% од проектираниот БДП за 2019 година и за финансирање на истиот како и отплата на долгот се користеле домашни и странски извори, односно 148,7 милиони евра нето повлекување преку државни хартии од вредност, 125 милиони евра ДПЛ кредит од Светска банка, како и дел од депозитот од претходната година.
Министерката за финансии посочи дека економијата е во добра кондиција со раст од 3,6% во првите три квартали од 2019.
-Овој раст е на широка основа, односно имаме раст и во градежништвото и индустријата со 5,6% раст од почетокот на годината заклучно третиот квартал, и во земјоделството со 4,2%, во бруто инвестициите со раст од 5,3%, потрошувачката со 3,8% и извозот со 12,2% раст заклучно третиот квартал – рече Ангеловски и посочи дека и вработеноста продолжила да расте, така што во третиот квартал од 2019 година има 40 илјади лица повеќе вработени во однос на третиот квартал од 2018 година.
Просечната плата согласно последните податоци на Државниот завод за статистика во октомври изнесува 25.726 денари или тоа е годишен раст од 3,7%, рече Ангеловска.