Турскиот министер за внатрешни работи, Муамер Гулер, денеска го поздрави повикот за примирје, упатен од лидерот на Курдската работничка партија (ПКК) Абдула Оџалан кон курдските бунтовници, пренесоа француските медиуми.
-Употребениот јазик е оној на мирот, посочи Гулер, цитиран од агенцијата Анадолија.
Тој, меѓутоа, додаде дека сега во пракса ги очекува последиците од повикот.
-Ние ќе видиме што ќе се случува од сега па натаму, рече турскиот министер за внатрешни работи.
Абдула Оџалан, кој од 1999 година издржува казна доживотен затвор, ги повика курдските бунтовници да ги прекинат воените дејствија и да се повлечат од Турција, соопштувајќи дека е дојдено време предност да и се даде на политиката.
Повикот беше упатен во рамки на директните преговори, што турските власти ги водат со Оџалан, од декември минатата година до сега, а се со цел да се постигне мирно решение за курдскиот конфликт.