Интернационалниот мајстор Никола Николовски е победник на возобновениот турнир „Скопје Опен“, кој заврши доцна синоќа, со учество на околу 80 шахисти. Според стартниот рејтинг тој беше трет носител на турнирот, а на крајот е прв на табелата со 7,5 бода од 9 партии, шест победи, три реми, без ниту еден пораз.
Со идентичен скор како и 21-годишниот македонски беа и ИМ Борољуб Златановиќ (Србија) и ИМ Вјачеслав Тиличеев (Русија), кои на крајот според „тај-брејк“ критериумите (популарно познат како „Бухолц“) беа рангирани како второпласиран и третопласиран.
– „Скопје Опен“ е предвесник за поубава шаховска иднина која македонските љубители на древната игра ја заслужуваат. Зад нас се години во кои нефункционалната федерација не направи ништо за македонските играчи и се соочуваме со голем јаз меѓу постоечката генерација и онаа што доаѓа. Ние сфативме дека мора да се стави акцент на настаните за македонските играчи, па „Скопје Опен“ е само почеток, а во соработка со градската управа и заинтересираните помагатели, ќе продолжиме натаму со замисленото темпо да секој месец имаме некаков настан, било да е младински или сениорски, во забрзан или класичен ритам на играње, изјави Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на Град Скопје, кој беше организатор на турнирот.
Македонските шахисти и во минатото имале забележителни успеси на меѓународен план, но поради игноранцијата на државата за проблемите во кои е оваа спортска дисциплина кај нас, ситуацијата е влошена по сите параметри.
На турнирот учествуваа 80 играчи, меѓу кои имаше и 20 странци.