Марш на толеранција ќе биде одржан денеска во Скопје во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а по повод Меѓународниот ден на толеранцијата.
Маршот ќе започне напладне пред Музејот на Град Скопје, преку улица „Македонија“, до крајната точка на платото пред Универзитетот на ЈИЕ во Старата скопска чаршија.
Во фокусот на годинашното одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата се образованието и младите.
На Маршот на толеранцијата ќе биде побарано вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование. Ќе бидат побарани темелни промени во образовниот процес и содржини кои ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе, а ќе бидат повторени многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини кои дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Учесниците ќе порачаат дека образованието не смее да биде терен за перпетуирање на мислења и ставови кои предизвикуваат омраза, поделби и насилство, велат од Хелсиншкиот комитет.