Две полициски службенички се тешко повредени во повеќедневните протести и немири во Чиле. Видеоснимката од полицајката во пламен го обиколи светот.
На видеото е прикажана агонијата на повредената жена, бидејќи колегите се обидуваат да и помогнат да го изгаси огнот со противпожарен апарат и со рацете.
Инцидентот се случил недалеку од метро станицата Баквиедано, каде што полицијата употреби солзавец и водени топови за да се справи со демонстрантите.
Повредените полицајки се на возраст од 20 и 25 години и се припаднички на специјалните полициски сили во градот Сантијаго.
Министерот за внатрешни работи Гонзало Блумел, ги посети во болницата и го осуди нападот.
„Ова е чисто насилство што нема никаква врска со легитимните барања на демонстрантите. Тоа беше чин на кукавичлак и агресија насочена кон полицајците кои работеа да обезбедат мир на своите сограѓани“, рече тој.
Новинарите на местото на настанот објавија дека полицијата, гледајќи ги нивните колеги во пламен, ги засилила своите активности. Тие започнаа да пукаат на демонстрантите со гумени куршуми и ја интензивираа употребата на солзавец.
Во двонеделните судири меѓу демонстрантите и полицијата досега се повредени повеќе од 800 полицајци и околу 1650 демонстранти.