Протести во Чиле: 15 мртви, 239 повредени

Од:

Најмалку 15 лица загинаа во последните четири дена од протестите во Чиле поради зголемувањето на цената на јавниот превоз.

– Најголем дел загинале во пожари или при грабежи на трговски центри во Сантјаго и други населени места, изјави денеска заменикот министер за внатрешни работи Родриго Убија. Тој прецизираше дека три од жртвите во престолнината се застрелани.

Во протестите, кои прераснаа во насилства повредени се 239 лица, меѓу кои и 50 војници или полицајци. Досега се приведени околу 2.200 лица.

Поради протестите, претседателот Себастијан Пинера денеска свика лидерска средба заради разработување на идејата за социјален пакт, кој ќе ги обедини политичките партии во барањето на најдобрите можни решенија за проблемите кои ги засегаат Чилеанците.

Од петокот навечер во Сантјаго, како и во девет од 16 провинции во земјата, во сила е вонредна состојба. Трета ноќ по ред во чилеанската престолнина има полициски час, кој трае од 20 часот до 06 изутрина. Близу 10.000 полицајци и војници се распоредени по чилеанските улици, што е првпат од крајот на диктатурата на генерал Аугусто Пиноче (1973-1990).

Повик за протести денеска упатија и 18 чилеански синдикати и организации. Штрајкови и протести ќе бидат одржани и утре и задутре.

Протестите започнаа поради зголемувањето на цената на билетите за метрото во Сантијаго – одлука која претседателот подоцна ја повлече. Сепак, протестите продолжија, поттикнати од народното незадоволство од економските и социјалните услови во земјата и нееднаквоста.

Метрото, со кое патуваат околу три милиони луѓе секој ден, сè уште е затворено, откако во петокот демонстрантите упаднаа и оштетија 78 станиц . Штетата се проценува на над 300 милиони долари. Вчера, само една од седумте линии на подземната железница делумно ја обнови работата.

Наставата е во прекин во речиси сите училишта и универзитети во Сантјаго. Во меѓународниот аеродром, чилеанско-бразилската авиокомпанија ЛАТАМ инсталираше десетици кревети на склопување за патниците кои се блокирани во зградата од почетокот на протестите поради откажување или одложување на нивните летови.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес го погоди Чиле

Земјотрес со јачина од 5,5 степени го погоди брегот на Антофагаста во Чиле

Силен земјотрес регистриран во Чиле

Горан Наумовски

Силен земјотрес го погоди Чиле

Чиле го погоди земјотрес со јачина од 4,5 степени

Почина поранешниот претседател на Чиле, Себастијан Пињера