Европскиот парламент се подготвува да го отфрли Договорот за повеќегодишниот буџет на ЕУ постигнат на последниот Самит на Унијата, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Во предложената резолуција за која европратениците ќе треба да се изјаснат утре, се предлага отфрлање на постигнатиот Договор, кој според предлагачите на текстот не е добар.
Имено, европратениците сметаат дека разликата од околу 60 милијарди евра меѓу предвидените трошоци и приходи се неприфатливи и не е можно Европската унија да функционира со дефицит. Останува исто така отворено и прашањето за покривањето на дефицитиот од 12 милијарди евра за 2012 година.
За да биде прифатен Договорот за буџетот на ЕУ мода да биде одбрен и од Европскиот парламент.
Во две предложени резолуции за Буџетот, Европскиот парламент изразува загриженоста поради се поголемиот проблем со недоволната висина на кредитите.
Ако не се реши тој проблем, ќе бидат зголемени притисоците во 2013 и 2014 година. Во 2012 година повеќе важни програми на ЕУ, како рамковната програма за научни испитувања, програмата за размена на студенти Еразмус и Социјалниот фонд останаа без финансии од самиот почеток на годината. Европратениците сакаат оваа ситуација да не се повторува во иднина.
Европратениците во резолуциите бараат поголема флексибилност на Буџетот и отимална распределба на средствата. Тие бараат повеќегодишниот буџет 2014-2020 повторно да се разгледа, со цел новиот состав на ЕП, што ќе биде избран во 2014 година, да има можност да влијае врз Буџетот на ЕУ. На крајот европратениците бараат Европската Унија да обезбеди сопствени извори на финансирање.
Истовремено, ЕП сака сите трошоци на ЕУ да бидат финансирани од Буџетот, а не одвоено.