Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром, утре од 19 часот во „Јане Сандански“ ја пречекува словенечката екипа Рогашка, и со тој меч, почнува третото коло во втората АБА лига.
Очекувањата на „штрковите“ се да дојдат и до третата победа во третиот настап.
-Рогашка има сериозен тим со многу искусни кошаркари. Ангажираа двајца плејмејкери од Приморска, имаат добар Американец на центарската позиција, и покажаа дека ќе бидат меѓу тимовите кои ќе се борат за самиот врв. Ние треба да одиграме максимално, да бидеме борбени и пожртвувани. Ако го сториме тоа, може да се надеваме на позитивен исход, најавува тренерот Ѓорѓи Кочов.
Во Рогашка мислат дека ова ќе биде „лесен“ меч, не затоа противникот е слаб, туку бидејќи нема што да загубат против фаворитот, и тим кој е со поголем буџет од нивниот, па им останува да се борат и да се обидат да изненадат.