Турската влада ветува слобода за носењето исламски шамии во државните институции, соооштува сајтот на англиски јазик „Хуриет дејли њуз“.
Забраната за носење шамии не им одговара ниту на човековите права и демократските принципи, ниту на општествените вредности, и владата ќе ги направи потребните чекори за укинување на оваа забрана, изјави турскиот министер за труд Фарук Челик.
Челик изјавата ја даде откако му беше врачена листата со потписи, во која 12,3 милиони лица се потпишале за правото на слободен начин на облекување на јавните места.
-Овие 12,3 милиони потписи ја покажуваат силата на јавното барање. Уверен сум дека овој процес ќе доведе до продлабочување на општествениот мир и хармонија и ќе биде клучен дел во процесот на нормализација, рече Челик.
Темата за укинување на забраната за носење исламски шамии од државните службеници со децении предизвикува дебати во политичките средини. Генералната забрана за носење шамии во државните институции и училишта се уште е во сила, иако таа не се применува во универзитетите, а во последно време се заобиколува и на некои работни места.