Фото кино клуб „Козјак“ од Куманово и годинава ја организира бесплатната школа за уметничка фотографија, која ќе стартува од утре и ќе трае наредните три месеци, а ќе се одвива во просториите на Фото кино клуб „Козјак“. Фото-школата има за цел промоција и едукација на младите за уметничка фотографија кои подоцна стануваат членови на фото клубот, по што тие имаат можност да учествуваат на државни и интернационални конкурси за уметничка фотографија на кои веќе со години учествува Фото кино клубот.
-Курсот е поделен во два дела, првиот дел е обука за користење на фотоапарат и функциите заедно со композиција на уметничка фотографија, а вториот дел е дигитална фотолабораторија – Photoshop. Курсистите кои успешно ја завршуваат школата се стекнуваат со диплома и учествуваат на клупската изложба „Мајски салон“, која е презентација на најуспешните дела во тековната година. Предавачи во рамки на школата се членовите на ФКК Козјак како и други гости поврзани со фотографијата и сродните уметности, изјави менторот Милош Нешковски.
Досега на фото-школата учествувале просечно од 20 до 30 учесници. ФКК „Козјак“ организира и Фото Салон Куманово, кој традиционално се одржува кон крајот на годината.