Европската унија е посветена на поддршката на земјите кандидати и потенцијални кандидати во претпристапниот процес со финансиска помош која за периодот 2014-2020 година изнесува импресивни 12 милијарди евра. Наша работа и заедничка одговорност е овие пари да бидат потрошени коректно и на вистинскиот начин, бидејќи сите сакаме тие да стигнат до вистинските корисници и да не завршат во џебовите на измамници.
Ова го истакна генералниот директор на Европската канцеларија за борба против измама – ОЛАФ, Виле Итала во обраќањето на конференција со фокус на спречување измами „Поврзаноста помеѓу спречувањето измами и истрагите“, што се одржува во Скопје во организација на ОЛАФ со помош на Министерството за финансии.
– ОЛАФ има мандат да истражува измами и корупција кои го засегаат буџетот на ЕУ во земјите кандидати и потенцијални кандидати. Но, со цел да го направиме тоа успешно потребна ни е соработка и активна поддршка од нашите партнери на терен или едноставно кажано потребни сте ни вие. Соработката со националните административни власти како и со судството и полицијата е од витално значење за истражувачката работа на ОЛАФ, рече Итала додавајќи дека во тој контекст важно е не само да се исполнат пристапните критериуми во делот на легислативата за заштита на финансиските интерси на ЕУ, туку и да се развие систем на следење на соработката во истрагите на ОЛАФ и особено известување за нерегуларности во овие земји.
Тој изрази задоволство што е зголемено известувањето до нивниот Систем за менаџирање на нерегуларности од страна на многу земји во регионот, што е вели многу важно за заедничката кредибилност и кредибилноста на процесот на проширување. Токму во таа насока генералниот директор на ОЛАФ најави дека наскоро ќе започне со работа и Европската канцеларија за јавно обвинителствоп – ЕППО, која вели, означува суштински развој во борбата против измамите со буџетот на ЕУ, бидејќи таа и ќе спроведува истраги и ќе гони престапници – сторители на вакви дела против финансиските интереси на Унијата.
Министерката за финансии Нина Ангеловска во поздравното обраќање истакна дека нашата земја континуирано работи на борбата против измами со цел да ја убеди Комисијата дека во целост ја применува нејзината политика на нула толеранција кон измамите, а од 2009 година со акредитирањето за децентрализирана имплементација на ИПА фондовите ги исполнивме специфичните критериуми кои се однесуваат на заштитата на финансиските интереси на ЕУ.
– Изминатиот период направивме значаен напредок во унапредување на вкупната политика на овој план со усвојување Национална стартегија против измами за заштита на финансиските интереси на ЕУ, а во тек е и процес на воспоставување институционална мрежа за борба против измами и нерегуларности која што ќе овозмопжи подобра соработка на национално ниво помеѓу институциите вклучени во борбата против измами и за заштита на финансиските интереси на ЕУ, рече Ангеловска.
Дводневната конференција ќе овозможи размена на искуства во делот на борба против измама при користењето на средства од Европската Унија.