Во организација на шаховскиот клуб ,,Каменица-Саса” започна отвореното првенство на општина Македонска Каменица во шах. На настанот учествуваат врвни еминентни шаховски имиња меѓу кои и докажани велемајстори.
За претседателот на клубот „Каменица-Саса“, Лазо Стаменковски, чест и задоволство е за прв пат да се биде домаќин на ваков настан.
– Имаме пријавено 30 играчи, 15 од Скопје, имаме двајца велемајстори и ФИДЕ мајстори, презадоволни сме, ова за прв пат се случува во Македонска Каменица. Што се однесува до нашиот клуб, минатата година ги имавме први почетоци, оваа година го заокружуваме тој дел. Во клубот имаме 10 пионери, 10 жени и 10 младинци и целта ни е во иднина да напреднеме со млади категории, истакна Стаменковски.
Меѓу врвните имиња кои учествуваат на Отвореното шаховско првенство се и Роландо Кутиров, кој воедно е претседател на македонската шаховска федерација, како и освојувачот на златен медал на шаховската олимпијада во Истанбул, Драгољуб Јачимовиќ, кои изразија задоволство што преку вакви турнири напредува шахот во Македонија.
– Шахот оди напред во смисла што порано во првата лига играа 5 екипи додека во прва и втора лига во моментот имаме 16 клубови тала што интересот за шахот расте и се шири шаховската игра, истакна селекторот Кутиров.
– Во секој случај ова во М. Каменица е еден одличен настан, шаховскиот клуб се прилагодува на модерните трендови, прекрасно е кога во да кажеме вакво запуштено шаховско време, некој ќе организира еден ваков турнир, истакна Јачимовиќ.
На турнирот организаторот обезбеди и награди за петте најдобри шахисти при што првонагрдениот шахист ќе добие парична награда од 10 илјади денари.