Романскиот министер за внатрешни работи му даде отказ на шефот на полицијата откако во едно село на југот од земјата беше убиена тинејџерка, која имала испратено повеќе телефонски повици за итна реакција, но истите биле занемарени. Неколку илјади лица синоќа протестираа заради начинот на кој властите постапија во случајот, јавија романските медиуми.
Малолетната Александра Макесану (15) дури три пати го повикала европскиот број за итни случаи (112), кажувајќи дека е грабната од маж додека стопирала за да се врати во своето родно село од блискиот град Каракала, на југот од Романија, пренесуваат британските медиуми.
Нејзиното семејство тврди дека надлежните на ја сфатиле сериозно ситуацијата, додека полицијата наведува дека имале проблем да ја најдат.
На полицијата и беа потребни 19 часа за да ја лоцира девојката и да влезе во куќата во која пронашле и остатоци од луѓе и накит што девојката го носела, по што привеле 65-годишен маж на испитување, јави Би-Би-Си.
Полицијата се сомнева дека посмртните остатоци што ги нашле се на 15-годишната Макесану и на 18-годишната девојка од блиското село која исчезна во април, но форензичарите допрва треба да го потврдат нивниот идентитет.
Илјадници Романци синоќа протестираа против владата, огорчени заради неадекватната реакција на полицијата.
Проценките се дека низ центарот на Букурешт демонстрираа околу 2.000 Романци во знак на протест за начинот на кој властите постапија во овој случај, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Корупцијата убива“, „Нивната крв е на вашите раце“, и „Ја убиваат Романија“, пренесува Би-Би-Си.