Првичните сознанија за седумте смртни случаи од грип се дека кај поголем број од нив не е навремено давано „Тамифлу“ иако пациентите биле во ризична група. Затоа е формирана Комисија за вршење на стручен надзор во однос на лекувањето на сите нивоа на заштита, од примарна до терцијална, за сите пациенти што завршија со смртен исход.
Ова денеска во изјава го истакна Јованка Костовска, раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство.
– Грипот се уште е со висок интензитет, а минатата недела се пријавени околу 2.950 нови случаи. Досега се пријавени вкупно 13.860 случаи, а се очекува и во следните неколку недели да има грип со висок интензитет. Ги охрабруваме матичните лекари да го даваат лекот „Тамифлу“, бидејќи од сознанијата што ги имаме на терен тој е ефективен, ја подобрува клиничката слика на заболениот уште следниот ден и спасува живот посебно кај ризичните групи, рече Костовска.
Посочи дека Министерството за здравство ќе продолжи на терен да ги едуцира матичните лекари во однос на бенефитите и ефектите од лекот „Тамифлу“ се со цел во иднина да го даваат многу повеќе. Годинава, додаде, овој лек многу повеќе се ординира од страна на матичните лекари во однос на лани.
Нагласи дека Комисијата за грип и Комисијата за заразни болести вчера заеднички одржаа состанок со цел да се согледа состојбата со грип во државата и да се предложат превентивни мерки по однос на спречување на појава на заразни болести во поплавените подрачја.
– Комисијата за заразни болести заклучи веднаш да се започнат активности согласно Акцискиот палан за превенција од векторпреносливи болести, посебно од комарци и крлежи со цел да се спречи појавата на Западнонилската треска. Дадени се насоки едниците на локалната самоуправа во соработка со центрите за јавно здравје да отпочнат со мапирање на терен на заостанати води и ризични површини и да започнат активности за навремена дезинсекција за да се спречи појава на поголем број на случаи на Западнонилска треска во летниот период, рече Костовска.
Комисијата, додаде, заклучи да се мобилизираат и да бидат многу поактивни центрите за јавно здравје и покрај секојдневното испитување на водата за пиење да го едуцираат населението за личните и мерките за конзумирање безбедна храна за да се спречи појава на цревни заразни заболувања и хепатит.
– Центрите за јавно здравје, посебно епидемиолозите, по повлекувањето на водата ќе направат дезинфекција во училиштата, градинките, дворовите на поплавените куќи, но и на отворените површини кои се поризични. Матичните лекари се извесуваат да обрнат повеќе внимание на појава на заразни цревни заболувања на пациентите, да ги советуваат, а доколку има такви заболувања веднаш да ги пријават, рече Костовска.