Во индискиот главен град Њу Делхи денеска повторно избија насилни протести, по веста за сексуален напад врз седумгодишно девојче во локално училиште, што е уште еден во серијата слични напади што ја потресоа јавноста во земјата од декември минатата година.
Полицијата употребила гумени палки за растурање на неколкуте стотици гневни граѓани, што протестираа пред болницата Санџај Ганди, каде се наоѓа девојчето по нападот. Демонстрантите фрлаа со камења врз автобуси и припадници на органите на редот, јави Би-Би-Си.
Во тек е сослушување на наставниците и чуварите, вработени во училиштето во кое е нападнато девојчето, соопшти полицијата.
Индиската јавност беше потресена од случајот во декември, кога група млади силуваа и убија девојка во автобус во Делхи, а дополнително ги шокира веста од средината на месецот, кога во државата Махараштра беа силувани и убиени три сестри, на возраст од шест до 11 години.