Од поројните дождови и надојдените води во кочанското село Горни Подлог се урна семејната куќа на Елена и Јордан Јорданови. Јорданови ноќта ја поминале кај соседите заедно со своите две малолетни деца.
Во посета на Јорданови денеска беа претставници од Општина Кочани кои ја согледаа фактичката состојба и ветија материјална помош за да се обнови скромната куќарка на Јорданови од Горни Подлог,
– На семејството Јорданови му дониравме пакет храна и хигиенски пакет, а наши стручни лица направија скенирање на состојбата на урнатата куќа, при што со материјална помош ќе придонесеме истата да се обнови, изјави Аника Илијеска Горгиева, раководител на секторот за социјална заштита во Општина Кочани.
Семејството Јорданови денеска го посетија и активисти на Општинската организација на Црвен крст од Кочани кои им донираа пакет со прехранбени артикли.