Земјената брана на Слатинското Езеро целосно се урна вчера доцна попладне. Екипата нуркачи вчера не успеа да го ослободи главниот испустен вентил на езерото.
Локалното население страхува од големи штети, бидејќи станува збор за големи количества акумулирана вода, која сега се излева преку Слатински Чифлик и Издеглавско Поле се до реката Сатеска. За среќа, на тој потег нема населени места што се директно изложени на опасност од поплавување.
Последен пат браната во Слатино попушти во јануари 2011 година, кога земјениот насип пропадна на површина од околу 80 квадратни метри.
Вештачката акумулација, направена во 1963 година, се полни со вода од Мраморечка Река. Вкупно собира 1,4 милион кубни метри вода, со кои се наводнуваат 420 хектари земјоделско земјиште во тој крај.