Дрвен престол, покриен со бело кадифе со златни мотиви, е изработен за посетата на папата Франциск во Блаж, Романија, каде поглаварот на Римокатоличката црква престојува од денеска до 2 јуни.
Папата ќе седне во него за време на церемонијата во Блаж, каде што ќе се одржи божествена литургија за седум грчко-католички епископи, кои починале во Романија за време на комунизмот.
Подготовките за посетата на папата на Блаж се одвиваат според распоредот, соопшти градоначалникот на Блаж, Георге Ротар. Трите паркинзи направени на влезот на градот се речиси готови, а во тек се завршни работи на бината изградена во Парк на слободата.
– Подготовките се во рамките на планираното, иако се соочивме со големи тешкотии поради временските услови. Паркинзите се завршени 90 проценти, а бината во Паркот на слободата е на 80 проценти, но трите дена кои се уште ги имаме, ќе ни дозволат да пречекаме повеќе од 50.000 луѓе и, се разбира Неговата светост во најдобри услови, изјави градоначалник на Блаж.
Тој исто така, објасни дека патиштата и парковите во градот се реновирани, во паркот на Слободата ќе има пунктови за прва помош, тоалети и јадење. Ќе бидат поставени и осум големи екрани за да можат луѓето да ја следат мисата. На денот на посетата на папата – 2 јуни, забранета е продажба и консумирање на алкохолни пијалаци.
Папата ќе дојде во Блаж со хеликоптер од Сибиу.
Подготовките се при крај и во Сумулец Циус, каде папата Франциск ќе одржи богослужба во Марианското светилиште. Се очекува да присуствуваат околу 180.000 луѓе. Унгарскиот претседател Јанош Адер исто така ќе присуствува.
Во меѓувреме, повеќе од 75.000 луѓе се пријавиле да присуствуваат на посетата на папата на Јаши, уште еден град што ќе го посети додека е во Романија. Градоначалникот на Јаши – Михаи Чирица рече дека се преземени сите неопходни мерки за да им се овозможи на верниците и посетителите да влезат во градот, да стигнат до местото на настанот и да се вратат.
Обезбедени се и специјални зони за оние кои нема да ги поминат филтрите за безбедност, но ќе можат да гледаат што се случува на големи екрани кои ќе бидат поставени во областа.
Во Букурешт луѓето ќе можат да го видат папата на неколку локации на кои папамобилот бавно ќе се движи.
За време на престојот во Романија, тој ќе биде сместен во Апостолската нунцијатура во Букурешт, каде што престојувал и папата Јован Павле Втори која бил во посета на земјата.
Папата Франциск во моментов од аеродромот Отопени замина за дворецот Котрочени на церемонија за пречек. Тој ќе замине од Романија на 2 јуни околу 17:30 часот од аеродромот во Сибиу.