Бројот на заболени од грипот во последната недела е зголемен во однос на претходната недела за околу 200 нови случаи и регистрирани се 2.630 случаи, за разлика од претходната година кога имаше нешто повеќе од 2.400. Забележано е значително зголемување на бројот на заболени кај школската популација. Вкупниот број заболени во текот на оваа сезона со грип е околу 10.800 случаи.
Ова денеска го изјави доктор Благоја Алексоски од Институтот за јавно здравје, кој рече дека има и нерегистирани случаи кои не се пријавени во центрите за јавно здравје и кај матичните доктори.
– Од вкупниот број заболени најмногу се во Скопје, Тетово, Струмица, Гостивар, а во другите градови во помал број, но речиси секаде ги има, скоро во цела Република. Од возрасните групи најголем број заболени има во возрасната година од 15 до 64 години, меѓутоа, таа е голема возрасна група. Загрижува тоа што веќе имаме значително зголемување кај школската популација, а исто така имаме заболување и кај возрасната популација, посочи Алексоски.
Нагласи дека има зголемување на заболени од грип кај училишната популација, но и кај другите возрасни групи. Кај школската популација на возраст од 5 до 14 години има 2.000 заболени, од 15 до 64 години 6.500 заболени, над 64 годишна возраст околу 1.000 заболени, а до четири годишна возраст има околу 1.300 заболени.
Алексоски рече дека бројот на заболени во текот на оваа година во однос на претходната година во оваа недела е зголемен за одреден процент.
– Се покажува дека оваа сезона ќе трае се уште и дека зголемувањето на заболените од грип ќе продолжи и во текот на наредните недели со тоа што се очекува дека и во тек на месец март ќе имаме зголемен број заболени од грип.
Голубинка Бошевска од Институтот за јавно здравје истакна дека во периодот од 11 февруари до 17 февруари се испитани вкупно 24 примерока од кои 12 биле инфлуенца А (од кои седум се H1N1), а еден 1 случај A (H3N2).
– Значи повторно доминира инфлуенца А, сезонскиот тип A (H1N1). Во текот на целиот период од појавата на грипот во текот на целата сезона имаме вкупно 159 примероци, од кои 91 се инфлуенца А (од кои 63 H1N1, а 12 H3N2) и 11 се инфлуенца Б. Педесет и седум примероци се негативни, рече Бошевска.
Таа укажа дека нивната лабораторија и оваа година веќе по седми пат добива акредитација од Светската здравствена организација, односно дека е акредитирана не само за грип туку и за дијагностика на морбили и за рубеола.
– Во нашата лабораторија ги работиме анализите секој ден, нема чекање на четири дена, во други лаборатории е точно дека има и подолго време на дијагностицирање. Она што ќе пристигне во утринските часови до 11 часот во текот на денот во лабораторијата се добива резултатот до 15 часот попладне. Од Инфективната клиника нема зголемување на бројот на примероци кои ги испраќаат, континуирано вообичаено во зависност од проценката на колегите клиничари, додаде Бошевска.