Промовирана Спомен-собата со значајни предмети и признанија на Танец

Од:

Спомен-соба во која се изложени значајни предмети, фотографии и признанија кои НУ Танец ги добила во текот на нејзината повеќедецениска активност беше промовирана денеска во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Таа претходно присуствуваше на пробата на ансамблот пред неговиот утрешен концерт во Прилеп рамки на хуманитарните активности за обнова на манастирот Трескавец.

Канческа Милевска посочи дека  Спомен-собата е значаен проект и во неа е презентиран целокупниот развој на ансамблот Танец и сите оние достигнувања кои ги имаат направено во целокупниот период зад нив. Танец, истакна таа, е подвижен музеј и најсилен бренд во промовирање на македонскиот идентитет, фолклор и традиција, песните и ората и верувам дека на тоа сите како граѓани сме горди.

– Ме радува што тука е презентиран еден значаен документ, а тоа е уредбата кога е основата оваа институција, во 1949 година, како и сите признанија, плакети, благодарници, албуми каде се гледаат сите вложувања на претходните генерации. Овој проект финансиран од Министерството е значаен за самата институција, за сето ова што е презентирано во оваа Спомен-соба, нагласи Канческа Милевска.

Таа им посака многу успех и му се заблагодари на директорот на Танец и на сите вработени за нивниот голем придонес со вклучувањето во оваа хуманитарна акција за обнова на Трескавец.

Директорот на НУ Танец, Зоран Џорлев заблагодарувајќи и се на министерката за поддршката, рече дека институцијата мора да го добие она светло и руво што го заслужува и најави проширување на просториите.

– Среќен сум што Танец доби ваква Спомен-соба. Холовите во целата установа имаат свое руво, убавина, слика на една уметничка институција што доликува да ја има и Танец. Сега со чест и гордост кој било да дојде од која било страна на светот да знае дека влегува во една институција која зад себе има едно големо педигре, посочи Џорлев.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека цената на билетите за утрешниот концерт на Танец во Прилеп е 100 денари и оти има многу заинтересирани за следење на концертот.

– Ќе направиме уште 10 концерти, само да биде за убаво, рече Џорлев и додаде дека концертот во Прилеп ќе биде пренесуван на Македонската телевизија, а ќе има и отворени телефонски линии за собирање средства за обнова на Трескавец.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање