Како дел од кампањата „Заедно до поубаво Делчево“, општина Делчево денеска го објави огласот за избор на најубаво уреден двор на куќа, зграда, институција или стопански објект за 2019 година. Како што информираа од општина Делчево, пријавувањето започнува од денеска, а ќе трае заклучно со 1 јули 2019 година.
– На јавниот конкурс можат да се пријават сите граѓани кои ценат дека нивното дворно уредување заслужува внимание, но и сите граѓани кои се воодушевуваат на дворот на пријател или сосед, можат да го пријават за да учествува на изборот. Конкурсот ќе биде отворен до 1 јули, период кој сметаме дека е доволен за заинтересираните граѓани да ги направат потребните подготовки и да ги уредат дворовите. Комисијата формирана од стручни лица ќе ги посети пријавените дворови и ќе го оценува уредувањето на дворните површини, информираат од општината.
Додаваат дека комисија формирана од стручни лица ќе ги посети пријавените дворови и ќе го оценува уредувањето на дворните површини.
За најубаво уреден двор предвидени се две награди во износ од 10.000 денари во категориите Индивидуално домување и Колективно домување или институција и стопански објект.