Од 12 февруари годинава ниту едно новородено дете во БиХ не може да биде запишано во матичните книги на родените, ниту може да добие единствен матичен број, бидејќи на овој датум стапи во сила пресудата на Уставниот суд за ставање вон сила на Законот за матичен број.
Имено, партиите од Муслиманско-хрватската Федерација, заради проблемите во овој ентитет, урнаа три закони- за матичен број, за државјанство, за престој и жителство.
Претходно, во 2011 година, Уставниот суд на БиХ донесе решение со кое на Парламентот на БиХ му се налага Законот за матичен број да го усогласи со Законот за територијална органзиација на Република Српска.
Како што пренесува сараевскиот весник „ Дневни лист“ , станува збор за наредба во овој Закон да се вградат службените називи на општините во Република Српска, кои имаат двојни имиња.
Станува збор за дваесетина општини, меѓу кои се на пример Босански Брод (Брод), Босански Шамац (Шамац), Босански Нови (Нови Град), Босанска Градишка (Градишка), Мостар (Источен Мостар), Скендер Вакуф (Кнежево), Босанска Дубица (Козарска Дубица), Јајце (Језеро) , Кључ (Рибник).