ВИДЕО: Две години култура во транзиција

Од:

Еден од најголемите адути за уривање на претходната власт беа ветувањата на Владата на премиерот Зоран Заев дека ќе се справи со мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ и ќе ја исправи искривената архитектонска и културолошка слика од владеењето на Никола Груевски. Две години подоцна од овие ветувања останаа елаборатите на разноразните работни групи во Министерството за култура за 30-ината споменици и отстранувањето на споемникот на Ќосето.

Освен, тактичката или популистичка игра со оваа тема, генерално, во областа на културата владее големо незадоволство во културната јавност.

Негодувањата и скандалозните резултати од конкурсите и во претходната година кога министер за култура беше Роберт Алаѓозовски, а и оваа кога министер е Асаф Адеми, не стивнуваат.
Здруженијата на граѓани од културната дејност направија низа дебати со наслов „Културата е лична карта на државата“.

Најавите на Алаѓозовски дека ќе негуваме слободарска и европска култура наспроти централизираниот и апсолутистички клиентелизам на неговата претходничка Елизбета Канческа-Милевска завршија со задоволство на оние што добија проекти и незадоволство кај оние што извисија.

Во меѓувреме, освен со нова културна политика, тој неизбежно мораше да ги санира техничките штети што настанаа во објектите на „Скопје 2014“ – поплави во новите објекти, и во Македонскиот народен театар и во Државниот архив.

Додека испливуваа грешките на ВМРО-ДПМНЕ и во скапите национални објекти и коруптивните скандали со некои поранешни директори на културни институции, министрите на новата Влада истовремено создадоа некои нови проблеми.

Реваншизам и прераспределба на кадри во културните институции немаше, освен, како што рекоа, онаму каде што беа констатирани нерегуларности. Музејот на ВМРО, кој стекна епитети дека е непотребен и прескап проект, еден од многуте каприциозни бастиони за запечатување на големомакедонската идеја на минатата власт, својот назив го смени со одлука на Владата, дури пред два месеца кога од Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и на жртвите од комунистичкиот режим се преименува во Музеј на македонската борба за самостојност.

Неколку јавни дебати, од кои беа усвоени заклучоци и предлози, ја креираа и Националната стратегија за култура за периодот од 2018 до 2022 година, а Собранието ја донесе како документ од стратешки интерес.

Сепак, по заминувањето на Алаѓозовски на местото национален координатор за култура и доаѓањето на Адеми, оваа стратегија како да се смрзна пред новите одлуки на новиот министер.

По објавување на резултатите од конкурсот и распределбата на буџетските пари за 2018 година, евидентно стана збор за некоја поинаква културна политика. Во историјата на Министерството за култура беа дадени најмалку средства за филмската уметност, а најмногу за фолклорната дејност. Со ова требаше да се нивелираат пари за постоењето на „Танец“ и на новиот Албански фолклорен ансамбл, нови вработувања во овој ансамбл, унапредување службеници во Министерството за култура. Сепак, Адеми успеа да се избори за новиот колективен договор на вработените во културата и да исправи некои неправедни разлики во вреднувањето на трудот на културните работници.

Двегодишниот фокус кон некои стратешки политики на СДСМ како да ја ставија културата во сенка, која е сосема потпрена на совеста на неколкумина добри менаџери на културните институции и кретивниот потенцијал на уметниците. Ако културата е личната карта на државата, се очекува ова Министерство да биде ослободено од какви било политички калкулации и да создава трајни вредности.

Ана Василевска

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот