НАТО заврши со распоредувањето на шестте системи за противракетна одбрана „Патриот“ во Турција, соопшти денеска претставник на прес службата на НАТО.
Распоредувањето на ракетните комплекси е целосно завршено, сите комплекси се во оперативна готовност, изјави претставникот на Алијансата.
Тој истакна дека во петок во реонот на градот Газијантеп во Јужна Турција бил пуштен во готовност вториот систем за противракетна одбрана „Патриот“, обезбеден од страна на САД.
Во декември 2012 година во Брисел министрите за надворешни работи на земјите од НАТО официјално одобрија распоредување на ракети „Патриот“ во Турција со цел за заштита од евентуални ракетни напади од Сирија. САД, Германија и Холандија испратија по два ракетни системи и 350 војници во рамките на мисијата, која е предвидено да трае околу една година.
Холандските ракетни системи „Патриот“ се распоредени во реонот на градот Адана, а германските во близина на градот Караманмараш.