Во турско-грчките односи се забележува процес на големи психолошки промени и промена на парадигмата, изјави турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу на синоќешната прес конференција во Анкара со својот грчки колега Димитрис Аврамопулос, пренесе турскиот сајт Ворлд булетин.
Тој посочи дека Турција е задоволна од ваквиот развој.
-Нашата работа е насочена кон зближување на народите на Турција и Грција, кон развој на пријателските односи и претворање на Егејско море во „езеро на пријателството“, во нов период на развој на односите, подвлече турскиот шеф на дипломатијата.
Говорејќи за турско-грчките трговски односи, Давутоглу посочи дека двете земји сакаат во блиска иднина да ја зголемат билатералната трговска размена до 10 милијарди долари.
На 5 март во Истанбул ќе се оддржи заседание на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција.
Грчкиот министар за надворешни работи на прес конференцијата изјави дека двете земји сакаат да организират средба на турски и грчки бизнисмени во Истанбул на 4-5 март, имајќи ги предвид плановите и желбите за активирање на трговската размена.