Единицата за компјутерски криминал при Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство Охрид поднесе кривична пријава против Л.М.Ш. (64) од Охрид, поради постоење основано сомнение дека сторила кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Пријавената со намера да се стекне со противправна имотна корист, употребила податоци од вистински платежни картички од странски државјани, кои претходно ги набавила, при што во мај минатата година од продажно место во Охрид, односно апартман во нејзина сопственост, преку гласовна авторизација во домашна банка извршила 24 нелегални трансакции од кои 12 успешни. Со тоа нелегално се стекнала со 1.564.150 денари или околу 25.400 евра. Пријавената имала склучено договор со банката за реализација на трансакции без картичка, односно со гласовна авторизација, а со намена за резервација на апартмани за престој на туристи.
Според МВР, охриѓанката по претходен договор со лице-британски државјанин, на нејзина е-маил адреса добила нелегално обезбедени податоци од вистински платежни картички на странски државјани, по што преку гласовна авторизација во домашна банка извршила нелегални трансакции на име на британскиот државјанин за наводен закуп на апартмани за престој на групи туристи од Велика Британија. Од страна на странската банка издавач на картичките е доставено известување до домашната банка, за злоупотреба на реализираните трансакции, по што ја известиле пријавената дека се работи за спорни трансакции. Меѓутоа, пријавената и покрај известувањето ги подигнала паричните средства од нелегалните трансакции во вкупен износ од 1.564.150 денари.
Од преземените мерки и активности и извршени проверки преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Интерпол Германија е утврдено дека пријавената дел од стекнатите парични средства, 11.395 евра ги префрлила преку банкарски трансфер на сметка во Германија, а остатокот од 14.038 евра ги задржала за себе.