Украина се плаши дека ќе го изгуби целиот транзит на природен гас поради Северен поток и Турскиот поток, а заедно со тоа и превентивниот фактор против „руската агресија”, изјави раководителот на компанијата „Нафтогаз“, Андреј Коболев.
– Со спроведувањето на Северен поток 2, транспортната мрежа за гас на Украина ќе стане непотребна. Ние ќе го изгубиме целиот транзит, бидејќи постои уште и Турски поток, кој најверојатно ќе биде изграден и пуштен во употреба кон крајот на 2019 година, посочи Коболев.
Тој оцени дека Украина ќе го изгуби превентивниот фактор против „руската агресија“ откако Северен поток 2 ќе биде пуштен во употреба.
– Овој гасовод треба да се анализира, не од гледна точка на губење пари, туку во однос на воен ризик. Тоа, сепак, нема да ги спречи европските компании, кои ќе инвестираат во овој проект, рече Коболев.
Директорот на „Нафтогаз“ предлага да се дозволи странска компанија да го преземе управувањето со гасоводниот систем на Украина во замена за инвестиции.
Договорот меѓу Русија и Украина за транзит на природен гас преку украинската територија истекува во 2019 година. Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Паникн, во февруари изјави дека Москва е подготвена да продолжи со транзитот на гасот само под свои услови.