МОБ ќе се спаси од извршителите, за долгот од 800.000 евра ќе се прави ревизија

Од:

Сметката на Македонската опера и балет ќе биде итно деблокирана со уплата од речиси 15.000 евра за да може институцијата да продолжи со работа. Директорот Васе Ристов веднаш побарал помош од Министерството за култура и совет од Владата како да се реши проблемот. Со оваа уплата сметката ќе биде ослободена, но за тоа како и зошто институцијата била втурната во долг од 800.000 евра, ќе се прави дополнителна ревизија. Увидот, односно ревизијата, ќе ја прават тројца нововработени, од кои еден раководител и двајца соработници бидејќи, според Ристов, секое друго решение, како да се чека на државна ревизија или да се ангажира приватна ревизија, е скапо и неефикасно.

„Во овој момент не можам да посочам директна одговорност за оваа состојба и за тоа ќе се погрижат ревизорите, кои ќе почнат со работа по претседателските избори. Овие долгови се калемеле повеќе години и обврските ги преземал секој нов раководител, а тие се зголемувале. Првото извршно решение ни стигна за долг од 2015 година за неисплатени обврски за печатени материјали. Важно е дека сега успеавме да се деблокираме и институцијата ќе продолжи непречено да работи. Не можам во овој момент да констатирам дали се правени злоупотреби на средства или не, но, секако, кога ќе заврши ревизијата и се утврдат неправилности, работата ќе ја преземат надлежните институции до конечно повикување на одговорност“, изјави Ристов за „А1он“.

Освен неисплатени обврски за печатење, како што дознава „А1он“, МОБ должи и за неисплатени хонорари, пробивани се буџети за оперски и балетски претстави, а не се штедело и за јадење и пиење.

Неисплатените обврски се прелевале од година на година и секој нов раководител ги наследувал, но не ги намирувал долговите на претходниот.

Ана Василевска

Би можело да ве интересира

Гала балетски концерт со најубавите балетски дела на 26 јуни

Балетската претстава „Ана Каренина“ од Петар Илич Чајковски повторно на сцената на НОБ

„Џез-оркестарот“ доби простор под Националната опера и балет, Костадиновска-Стојчевска побара да запрат протестите

Горан Наумовски

Величествената опера „Аида“ од Верди на отворено под ѕвездите

Балетски концерт „Романтична балетска вечер“

Балетот на МОБ со „Либертанго“ гостува во Битола