Вечерва Њу Ингланд Петриотс и Лос Анџелес Рамс ќе се соочат еден против друг во најголемиот спортски настан во САД и едно од најочекуваните во светот – „Супер Боул 53“. Двата тима ќе го одредат новиот шампион во Националната фудбалска лига (НФЛ) во пресрет на 100-годишнината.
По трет пат Атланта ќе биде домаќин на „Супер Боул“ по 1994 и 2000 година. И во тоа има симболика, откако пред 19 години токму „овните“ победија, иако и тогаш се уште беа базирани во Сент Луис. Претходните два натпревари во Атланта, сепак, се одиграа на стариот стадион „Џорџ Доум“.
Денес „овните“ и „патриотите“ ќе водат битка на еден од најмодерните и најскапи стадиони во САД – „Мерцедес-Бенц“, кој беше завршен во 2017 година и чини 1,6 милијарди долари.
Двата тима излегуваат во борбата за титулата, откако завршија на второто место во нивните конференции во редовната сезона. „Патриотите“ се со скор 11-5, додека „овните“ – 13-3. Во плеј-офот, Том Брејди и компанија се справија со Лос Анџелес Чарџерс (41:28) и Канзас сити Чифс (37:31 по продолжение), за да си обезбедат место на „Супер Боул“. Рамс, кои направија најголем скок од минатата сезона, ги победија Далас Каубојс (30:22) и Њу Орлеанс Сеинтс (26:23 по продолжение).
Во шоуто на паузата, публиката ќе ги види носителите на „Греми“, „Марун 5“, како и раперите Тревис Скот и Биг Бои. Пред почетокот на натпреварот, националната химна ќе ја исполни Гледис Најт, која е еродена во Аталанта.
Дуелот се очекува со огромен интерес и поради рекламите кои предизвикуваат не помал интерес. Телевизијата Си-Би-Ес, која го емитува дуелот, веќе ги продаде сите рекламни слотови. Клип од 30 секунди чини 5.25 милиони долари, а телевизијата очекува за прв пат приходите од реклами да достигнат 500 милиони долари.
Натпреварот ќе влезе во историјата со фактот дека за прв пат мажи ќе влезат во улога на мажоретки. Од Рамс објавија дека Квинтон Перон и Наполеон Џинис, кои се професионални танчери, ќе учествуваат заедно со мажоретките на составот.