Правото мора да владее, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски за време на посетата на Кавадарци, прашан да ги коментира кривичните постапки против тројца поранешни министри и еден заменик-министер за земјоделство.
– Ревизијата на постапките за земјоделското земјиште во претходниот период беше една од клучните ветувања пред граѓаните. Тоа беше и една од клучните обврски. Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за организиран криминал ги добија сите податоци во претходната година. Ние сме целосно на располагање за соработка со институциите, за расчистување на сите затекнати состојби. Но Министерството не може да навлезе во постапките кои се спроведуваат. Министерството за внатрешни работи и јавниот обвинител ги дадоа сите информации во делот на истрагата и постапките кои се спроведуваат, рече Николовски.