Во Босна и Херцеговина околу 200.000 луѓе работат „на црно“, односно работодавците не ги пријавиле, изјави денеска на прес-конференција во Сараево директорот на Агенцијата за труд и вработување на БиХ Аднан Делиќ.
Тој додаде дека ги поздравува потезите на ентитетските влади со измени на одделни законски прописи и остри казни да ги натераат работодавците во БиХ да ги пријавуваат луѓето кои ги вработуваат.
Делиќ истакна дека минатата година била рекордна по повеќе основи во врска со состојбата на пазарот на труд. Прво, по најголемиот број регистрирани невработени лица, потоа по бројот на вработените луѓе од евиденцијата на службата за вработување, како и по бројот на новопријавени лица на евиденциите на тие служби.
До последниот ден на 2012, во однос на истиот ден во 2011 имало 13.793 невработени лица повеќе, укажа Делиќ. Од вкупниот број регистрирани невработени во минатата година, новопријавени лица кои барале работа имало 166.347.