Власта по скратена постапка во Собранието предлага измени во Законот за класифицирани информации, со кои се предвидува во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, покрај директор, Владата да именува заменик-директор.
Предлог-законот го предложиле Александар Кирацовски, Хари Локвенец, Реџаил Исмаили и Агим Шаќири. Оваа нова функција повлекува обврска за обезбедување средства од буџетот на РМ.
За именување на директор и заменик-директор предвидено е да биде објавен јавен оглас во три дневни весници кои се издаваат на целата територија на државата од кои еден од весниците се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
Во случај кога директорот на Дирекцијата е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, треба да го заменува заменик-директорот во рамките на доверените овластувања.
Постапката за именување на заменик на директорот на Дирекцијата ќе заврши во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на законот.
Васко Маглешов