Реоните околу Алпите денеска се подготвуваат за нови снежни врнежи, кои би можеле да предизвикаат нови лавини, додека сопствениците на куќите стравуваат од опасноста нивните покриви да попуштат под тежината на снегот, јави ДПА.
Стравувањата од лавините се зголемија откако одрон од снег падна врз хотел во градот Балдершванг во јужна Германија, при што, според локалната полиција, нема загинати или повредени лица.
Поради лавини, Балдершванг од вчера е отсечен од светот, бидејќи снегот го затрупа единствениот приоден пат до градот.
Обилните снежни врнежи предизвикуваат и стравувања од поплави во подножјето на Алпите, поради растот на водостојот во реките што извираат во повисоките планински реони.
Засега има информации за поплавени полиња и ливади во алпскиот реон на Германија, но властите ги предупредија жителите на неколку населени места да бидат подготвени за можни излевање на реките. – Поплавите полека доаѓаат, изјави полициски претставник.
Поради снегот блокирани се приодите и до неколку места во алпскиот регион во Австрија, при што само во реонот на Салцбург од светот се отсечени околу 17.000 лица.
Снегот предизвика проблеми и одрони на лавини и во повеќе делови на Швајцарија.