Изјавата на Милош Земан за селење на чешката Амбасада од Тел Авив во Ерусалим ги влоши односите меѓу Чешка и Палестина и со другите арапски земји. Ова е коментар на палестинскиот амбасадор во Прага, Џамал Мухамед Џамал, кој од чешкиот претседател побарал да преземе чекори за ублажување на ситуацијата која ја предизвика со неговите зборови, јави дописникот на МИА од Прага. Џамал додаде дека на денешната средба, Земан го уверил дека преместувањето на Амбасадата доаѓа в предвид дури по склучувањето на договор за мир меѓу Израелците и Палестинците.
– Претседателот е добар слушател. Навистина може да се искористи неговиот однос со Израел. Јас побарав од него, поблиску да се запознае со палестинската страна за полесно да ја разбере – изјави дипломатот, информирајќи дека е договорено продолжување на дискусијата. Тој на Земан, исто така, му рекол дека пријателите на Израел, вклучувајќи ја и Чешка може да играат позитивна улога во мировниот процес.
Според дипломатот, палестинската управа сака да се осигура дека со Чешка и натаму ќе има стабилни и добри односи и дека Прага ќе практикува избалансирана политика кон Блискоисточниот конфликт. Имено, Чешка во ЕУ и во меѓународните организации е најблискиот сојузник на Израел. Можното преместување на чешката Амбасада од Тел Авив во Ерусалим, Земан го спомена пред десетина дена и со тоа ги разлути не само Палестинците, туку и претставниците на Лигата на арапските држави.
– Да, изјавата им наштети на палестинско-чешките односи, а имаше и негативен ефект врз односите со Чешка и другите арапски земји – изјави дипломатот денеска. Подоцна Земан објасни дека неговата изјава значела дека Амбасадата ќе биде преместена дури по склучувањето на мир на Блискиот Исток.
Според Џамал, Земан додал дека не само што Амбасадата во Израел ќе биде преместена во западниот дел на Ерусалим, туку и чешката мисија во Палестина ќе биде сместена во источниот дел на метрополата. Според дипломатски извори, деновиве во Прага била одржана и средба меѓу претставници на арапските земји и шефот на чешката дипломатија Јан Кохут, кој оценил дека ставот на Чешка кон конфликтот на Блискиот Исток останува непроменет.