Во силниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што утринава ја погоди јужна Турција и северна Сирија загинаа најмалку 641 лице, а се очекува бројот да расте. Се верува дека стотици луѓе сè уште се заробени под урнатините додека спасувачите ги „чешлаат“ купиштата во потрага по преживеани.
Асошиетед прес објави дека турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби соопшти дека најмалку 284 лица загинале во седум турски провинции. Агенцијата наведува дека се повредени 440 лица.
Бројот на загинати во областите под контрола на сириската влада се искачи на 237, а повеќе од 630 се повредени, објавија сириските државни медиуми. Според Белите шлемови, најмалку 120 луѓе биле убиени во областите под контрола на бунтовниците.
Според информациите, зградите се урнале во прекуграничниот појас што се протега од сириските градови Алепо и Хама до турскиот Дијарбекир, на повеќе од 330 километри североисточно.
Речиси 900 згради се уништени во турските провинции Газиантеп и Кахраманмарас, изјави потпретседателот Фуат Откај. Болница се урна во медитеранскиот крајбрежен град Искандерун, но засега нема извештаи за жртви, рече тој.
„За жал, во исто време се бориме и со исклучително тешки временски услови“, изјави Октај за новинарите.