Најмалку 16 мртви се потврдени како последица на ураганот Милтон, јавува NBC News. Од нив, шест лица загинаа во областа Св. Луси, која беше погодена од повеќе торнада. Претходните податоци зборуваа за вкупно 11 смртни случаи.
Стотици луѓе заробени во станбен комплекс во Клирвотер, на околу 30 километри западно од Тампа, беа спасени од поплавата. Водата почнала да навлегува во текот на ноќта од средата кон четвртокот, но поради ураганот службите за итни случаи не можеле веднап да одговорат на повиците на жителите за помош.
Фотографиите покажуваат дека многу автомобили пред становите се речиси целосно потопени. Полицијата соопшти дека била преземена голема операција за спасување кога ветровите се смириле.
Вкупно, од 178 станови се спасени 449 возрасни и 116 деца и тинејџери.
Администрацијата на Бајден рече дека на Федералната агенција за управување со вонредни состојби ќе и треба дополнително финансирање од Конгресот, каде републиканците го контролираат Претставничкиот дом, а демократите го контролираат Сенатот и ги повика пратениците да дејствуваат.
Жителите на Флорида велат дека поминале низ двојна катастрофа. Додека Милтон падна на копното на западниот брег на државата во средата навечер, некои од најлошите катастрофи се случија на повеќе од 100 милји подалеку долж источниот брег на државата.