Гувернерот на Флорида Рон Де Сантис денеска изјави дека досега од ураганот низ државата се спасени најмалку 1.600 луѓе и 140 животни.
Како што јави ABC News, најмалку 16 луѓе загинаа од ураганот Милтон, кој го зафати западниот брег на Флорида како ураган од трета категорија, носејќи торнада, силни ветришта и поплави.
Невремето принуди милиони луѓе да се евакуираат и предизвика голема штета.
Де Сантис рече дека немало толку многу урнати згради на Флорида колку што се очекувало пред ураганот да стигне на копно.
– Не го добивме најлошото сценарио, но бевме погодени – изјави Де Сантис.
Тој рече дека речиси 20.000 километри државни патишта се веќе расчистени, а инспекторите извршиле речиси 2.000 проверки на мостовите во погодените области.
Повеќе од 28 отсто од бензинските пумпи низ Флорида утрово беа без гориво.
Ураганот Милтон ја погоди Флорида две недели откако ураганот Хелена ги поплави улиците и домовите во западниот дел на државата, одземајќи најмалку 230 животи.