ВИДЕО: ICE агент застрела маж во Бронкс

Од:

Агент на американската Служба за имиграција и царина (ICE) застрела маж во четвртокот во њујоршката населба Бронкс. Министерството за внатрешна безбедност (DHS), под чија надлежност е агенцијата, потврди дека службеникот употребил огнено оружје.

Пукањето се случило за време на „насочена операција за апсење странски државјанин со криминално досие, кој нелегално престојува во земјата“. Од Министерството соопштија дека мажот е жив и е пренесен во локална болница, објави Би-Би-Си.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, го оцени инцидентот како „недозволив и исклучително сериозен“.

„Според првичните информации, агентите ги опколиле мажот и петгодишно дете во автомобилот пред да испукаат повеќе куршуми. Сметаме дека детето не е физички повредено“, изјави Мамдани.

Гувернерката на државата Њујорк, Кети Хочул, соопшти дека во четвртокот вечерта разговарала со американскиот претседател Доналд Трамп за пукањето. Таа му го пренела „незадоволството на граѓаните на Њујорк“ и побарала да бидат објавени сите снимки од камерите на униформите на агентите, за да се утврдат фактите.

Трамп засега јавно не се огласи за инцидентот.

Од Министерството за внатрешна безбедност соопштија дека ранетиот маж, чиј идентитет официјално не е објавен, е по потекло од Доминиканската Република.

Според нив, тој има правосилна пресуда за тешка кражба, како и повеќе апсења поради напад, грабеж и поседување дрога и оружје. Министерството тврди и дека мажот е поврзан со групата „Тринитариос“, која американското Министерство за правда ја опишува како транснационална криминална организација.

Мамдани најави дека од Трамп ќе побара запирање на сите операции на ICE во градот.

„Нема мирно да гледам како агентите на ICE ги тероризираат нашите заедници“, напиша градоначалникот во четвртокот вечерта на социјалната мрежа Икс.

На местото на пукањето вечерта се собраа и демонстранти, кои извикуваа „Сакаме правда“ и „ICE надвор од нашите улици“.