Илјадници приврзаници на опозицијата се собраа денеска пред Парламентот на Грузија во Тбилиси, а втор понеделник по ред протестираат против резултатите од парламентарните избори одржани на 26 октомври, кои ги сметаат за нелегитимни и лажни, со помош на Русија, а во корист на владејачката партија – Грузиски сон.
Демонстрантите вееја грузиски и знамиња на Европската унија и бараат нови парламентарни избори – овој пат под меѓународен надзор – како и истрага за наводните изборни нерегуларности.
Опозициските лидери велат дека ќе ја бојкотираат собраниската седница и ќе одржуваат редовни демонстрации додека не се исполнат нивните барања.
🇬🇪 Tbilisi protests after Georgia’s ruling party wins disputed election
Around 4,000 people are currently rallying in Tbilisi to protest the parliamentary election results, which saw the pro-Russian Georgian Dream party clinch 54% of the vote. Protesters have blocked Rustaveli… pic.twitter.com/Bx2dgCU37N
— The Insider (@InsiderEng) November 4, 2024
Протестите беа под будното око на полицијата за да ги разбие демонстрантите, како одраз на политичките тензии во Грузија, земја од Јужен Кавказ и поранешна советска република со 3,7 милиони жители која се наоѓа меѓу Русија и Турција.
Централната изборна комисија објави дека владејачката партија Грузиски сон освоила околу 54 отсто од гласовите. Нејзините лидери ги отфрлаат тврдењата на опозицијата дека изборните резултати се фалсификувани.
Претседателката на државата Саломе Зурабичвили ги отфрла официјалните резултати и смета дека Грузија е жртва на руски притисок за да не влезе во Европската унија.
Зурабичвили, чија уставна позиција е главно церемонијална, ги повика САД и Европската унија да ги поддржат демонстрациите.
Официјални лица во Вашингтон и Брисел повикаа на целосна истрага за изборите, а Кремљ тврди дека не се мешал.
Државното обвинителство на Грузија покрена истрага за изборите, но опозицијата тврди дека истрагата не може да биде независна, бидејќи ја води државен обвинител назначен од парламентот, контролиран од Грузискиот сон.
Грузија е кандидат за членство во ЕУ, но нејзиниот статус е суспендиран затоа што владејачката партија, и покрај огромните протести летово, протурка закон за странско мешање кој многу наликува на рускиот закон за странски агенти, чија цел е да го ограничи финансирањето на граѓанските организации од странство.
Грузискиот сон е на власт од 2012 година, а партијата ја основа Бидзина Иванишвили, таинствен милијардер кој своето богатство го стекна во Русија.
Опозицијата ја обвинува дека станала авторитарна и ориентирана кон Москва.