(ВИДЕО) Голема потрага по Меделин Меккен: „Ова е последен обид“

Од:

Полицијата вчера изврши претрес во внатрешноста на напуштена рурална зграда која е во фокусот на последната потрага по исчезнатото британско девојче Медлин МекКен. Зградата е во јужна Португалија, на само неколку километри од Праја да Луз, каде исчезна девојчето.

Претресот, предводен од португалската полиција во соработка со германските истражители, е дел од новата операција чија цел е да се најдат докази кои би можеле да го поврзат Кристијан Брукнер, осуден сексуален престапник, со случајот.

На објавените фотографии се гледаат урнати ѕидови од тули, купишта расфрлано ѓубре и дупка ископана во земјата за која се верува дека е создадена за време на потрагата, пишува британски Сан.

Новата потрага по телото на Медлин МекКен во близина на местото каде што семејството престојувало во 2007 година, инспекторите ја опишуваат како „последен обид“. Тие пребаруваа напуштена фарма и испумпуваа бунар во оддалечена, шумска област надвор од Праја да Луз. Тие отстрануваа кутии со земја и ѓубре од ридот, додека полицијата користеше моторни пили за да ги расчисти корените и густата вегетација за да пристапи до земјата.

Пожарникарите испумпувале еден од двата бунари во областа со помош на црево. Жолтото црево било спуштено во бунарот додека иследниците се обидувале да го пронајдат телото на Медлин МекКен или какви било индиции што би можеле да ги доведат до одговори за нејзиното исчезнување.

Оваа потрага се разликува од претходните по тоа што полицијата користи радар што продира на земја, кој може да снима до четири и пол метри под површината. Ова значи дека тие ќе копаат само ако сликите покажат нешто сомнително.

Сè уште не се знае точно каква е поврзаноста на Брукнер со напуштената зграда на фармата. Се наоѓа помеѓу теренот за голф и морето, недалеку од Океан клубот во Праја да Луз, каде што Медлин исчезна пред 18 години.

Една полициска теорија е дека телото на тригодишното девојче или нејзините пижами можело да бидат фрлени во ровови ископани во близина на туристичкиот комплекс.

Вчера наутро возила на германската Федерална криминалистичка полиција (БКА) пристигнаа во областа со португалските власти. Тие ги затворија земјените патишта и поставија сини шатори во близина на шумска област. Ова е прва голема потрага во Португалија по повеќе од две години. Фокусот е на бунари, урнатини и резервоари за вода на 21 парцела приватно земјиште со вкупна површина од околу 48 хектари.

Брукнер треба да излезе од затвор во септември, откако отслужи седумгодишна затворска казна во Германија за силување во Праја да Луз во 2005 година. Тој никогаш не бил формално обвинет за исчезнувањето на Медлин МекКен и негира каква било поврзаност со случајот.