ВИДЕО: Барселона блокирана поради протестите, откажани летови, затворена границата со Франција

Од:

Барселона и цела североисточна Каталонија се блокирани поради штрајкови и демонстрации организирани во знак на протест поради пресудата на каталонските сепаратисти.

Генералниот штрајк е организиран на покана на синдикатите кои се залагаат за независност на Каталонија, при што илјадници демонстранти пристигнаа во Барселона, каде ќе бараат ослободување на затворените каталонски сепаратисти на масовен протест во вечерните часови.

Шпанските власти соопштија дека се откажани 57 летови, а учесниците на протестот уште утрово ја затворија границата со Франција и најмалку 25 сообраќајници.

Значително е намален и железничкиот сообраќај. Голем број продавници и фабрики се затворени, а затворена е и познатата катедрала на шпанскиот архитект Антонио Гауди, Саграда Фамилија (Свето семејство), затоа што демонстрантите го блокираа влезот во неа.

Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде Марласка изјави дека властите следат една помала група која предизвикува инциденти на специфични места. Тој додаде дека туристите без проблем и страв можат да ја посетат Барселона.

Во понеделникот Врховниот суд во Мадрид осуди деветмина каталонски лидери на казна затвор од девет до 13 години за организирање на референдумот за независност во 2017 година. Од тогаш започнаа протестите во Барселона, во кои е нанесена штета на градот од 1,5 милиони евра.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Хаос во Шпанија, полицијата се пресмета со демонстрантите