УНФПА: Половина од жените во државите во развој не одлучуваат за своето тело

Од:

Само половина од жените во државите во развој имаат контрола над своите тела – одлуки за полов однос, здравствена заштита и контрацепција, покажа извештај на ОН.

Во документот се наведува дека на жените и девојчињата им е забрането да имаат пристап до контрацепција или абортус, се обрежани или тестирани за невиност и мора да се омажат како деца.

„Правото на автономија над нечии тела значи право на избор без страв од насилство или некој друг да одлучи за нас“, вели Наталија Канем, шеф на Агенцијата на ОН за сексуално и репродуктивно здравје (УНФПА).

Жените во субсахарска Африка, Јужна и Централна Азија имаат најмала контрола над своите тела, на пример во одлуките за сексуален однос или пристап до сексуални здравствени услуги без одобрение од машки роднини или партнери, нагласува УНФПА.

Во земји како Мали, Нигер и Сенегал, само 10 проценти од жените имаат „физичка автономија“, се вели во извештајот во кој се анализирани повеќе групи податоци за родова еднаквост, сексуално здравје и пристап до контрацепција во 57 земји.

„Родовата нееднаквост е најподмолната и најраспространета пречка за телесната автономија. Почнува од најмала возраст“, нагласува Канем, педијатар и епидемиолог, која додаде дека ситуацијата ја влошува пандемијата на коронавирусот.

„Она што порано беше тешко, сега е уште полошо поради пандемијата Ковид-19, што резултираше со зголемено сексуално насилство, повеќе несакана бременост и нови бариери за пристап до здравствени услуги, со загуби на работното место и образование“.

УНФПА во април минатата година објави дека глобалните мерки за општо затворање може да доведат до 20 проценти повеќе семејно насилство, бидејќи жртвите ќе бидат притворени со нивните насилници.

Истражувачите исто така предвидоа дека ќе има 13 милиони повеќе детски бракови во следната деценија, како и уште два милиона случаи на обрежување на жените бидејќи пандемијата ќе ги попречи глобалните иницијативи против овие практики.

Зголемената сиромаштија како резултат на глобалната рецесија ќе принуди се повеќе семејства порано да ги омажат своите ќерки, нагласува во извештајот УНФПА.

И покрај таквите влошувања, извештајот на Светска банка објавен во февруари покажа дека 27 држави минатата година ги реформираа своите закони за да ги направат жените економски поеднакви со мажите.

Би можело да ве интересира

Регионална директорка на УНФПА: Финансиските стимулации за раѓање деца не се доволни

Ана Ололовска

УНФПА: Само 71 процент од државите гарантираат пристап до целокупна здравствена заштита за мајките

Ана Ололовска

УНФПА: Потребна е итна акција за спречување детски бракови и други практики што им штетат на жените и девојчињата

Ана Ололовска

УНФПА ќе претстави Извештај за состојбата на населението во светот 2019

Ана Ололовска

Салиоска: Традицијата не е изговор за државата да ги спречи детските бракови

Ана Ололовска