Украина верува дека сите клучни прашања во преговорите за потенцијално примирје со Русија можат да се решат на ниво на лидерите на земјите и предлага таков состанок да се одржи до крајот на овој месец, изјави денес украинскиот министер за одбрана – Рустем Умеров.
Тој додаде дека на денешните преговори меѓу двете делегации во Истанбул е постигнат договор за размена на сите тешко болни воени заробеници, како и на лица под 25 години, пренесува Ројтерс.
По денешниот состанок, украинското Министерство за надворешни работи објави дека Украина ќе биде подготвена да донесе одлука за понатамошните чекори откако ќе го проучи меморандумот за потенцијално примирје што ѝ го предаде руската делегација на состанокот во Истанбул.