Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти неговата администрација може да придонесе за ставање крај на конфликтот во Украина, во момент кога Вашингтон најавува нова рунда дипломатски разговори со Москва и Киев.
„Мислам дека ќе го постигнеме тоа“, рече Трамп во интервју за британската телевизија „GB News“, зборувајќи за изгледите за постигнување мировен договор.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, најави дека претставници на преговарачкиот тим на Трамп ќе одржат нови средби во Москва и Киев во наредните денови. Според него, се очекува да продолжат интензивните контакти насочени кон изнаоѓање решение за конфликтот.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно објави дека специјалните пратеници на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, се целосно фокусирани на преговарање за мировни договори, вклучително и на напорите за ставање крај на војната во Украина.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров исто така укажа на можноста за продолжување на разговорите.
Тој рече дека Москва не одбива да го продолжи дијалогот со Вашингтон преку Виткоф и Кушнер, но нагласи дека за руската страна ќе биде клучно какви конкретни предлози ќе донесат американските претставници во Москва.
Виткоф и Кушнер неодамна ги засилија своите дипломатски активности во врска со Украина, а најавените разговори во двете престолнини треба да покажат дали има простор за приближување на ставовите на страните.
Сепак, Вашингтон сè уште не ги објавил деталите за евентуален мировен предлог ниту точните датуми за претстојните средби.
