Федералниот апелационен суд денеска ја потврди отштетата од 5 милиони американски долари доделена од поротата на новинарката Џин Керол од Доналд Трамп поради обвиненијата дека тој сексуално ја нападнал, а подоцна ја клеветел.
Одлуката ја донесе тричлениот совет на Вториот окружен апелационен суд на Менхетен, пренесува Хина.
Првостепената пресуда против Трамп беше изречена во мај 2023 година и се однесува на инцидент кој, според тврдењата на Керол, се случил во 1996 година во соблекувалната на стоковната куќа Бергдорф Гудман во Менхетен каде Трамп наводно ја силувал, а потоа на социјалната мрежа Truth Social во октомври 2022 година ги негираше нејзините обвинувања.
Иако поротниците во федералниот суд на Менхетен не открија дека Трамп всушност ја силувал Керол, тие на поранешниот колумнист на списанието Elle и доделија отштета од 2,02 милиони долари за сексуален напад и 2,98 милиони долари за клевета.
Друга порота му нареди на Трамп во јануари да и плати на Керол 83,2 милиони долари за клевета, кога тој првпат ги негираше обвиненијата за силување.
Во двата случаи, Трамп тврдеше дека не ја познава, дека не е „негов тип“ и дека ги измислила наводите за да ги промовира своите мемоари.
Трамп исто така се жали на пресудата за отштета од 83,3 милиони долари.
Случаите продолжуваат и покрај тоа што Трамп победи на претседателските избори на 5 ноември.