Тинејџер од Калифорнија е осуден на четири години затвор поради тоа што извршил стотици лажни дојави за поставени бомби и други закани низ разни образовни, верски и државни институции во САД, вклучувајќи повик до џамија во Флорида, јавија денеска дел од американските медиуми.
Алан Филион (18) лани во ноември се изјасни за виновен по четири точки од обвинението за „swatting“ и закани за нанесување штета на трети лица.
Swatting во САД се нарекува практиката со вршење телефонски измами и лажни дојави до службите за итни случаи, често со цел залудно испраќање на голем број полициски службеници до одредена локација.
Американското обвинителство изјави дека од август 2022 до јануари 2024 година Филион извршил над 375 заканувачки повици. Во повиците тој се заканувал за наводно поставени бомби или планирани масовни пукања.
Според обвинителите, негови цели биле верски објекти, средни училишта, колеџи и универзитети, државни службеници и жители на многу региони низ САД. Филион, кој живеел во Ланкастер, северно од Лос Анџелес, имал 16 години кога ги извршил најголем дел од повиците.
Некои од лажните дојави вклучуваат повик во октомври 2022 година до училиште во државата Вашингтон. За време на повикот, тој се заканил со масовна пукање и тврдел дека има поставено бомби во училиштето и надвор од него.
Во мај 2023 година се јавил во колеџ и универзитет во Флорида, каде традиционално студираат претставници на етнички малцинства. За време на повикот, тој тврдел дека поставил бомби во ѕидовите и таваните на студентските домови во кампусот.
Во повик до локалниот диспечерски центар на полициското одделение во Тексас во јули 2023 година, тој лажно се претставил како висок службеник на федералните безбедносни органи. Додека бил на линија, Филион му дал на диспечерот адреса на службеник на федерална агенција, тврдејќи дека ја убил неговата мајка и се заканил дека ќе ги убие полицајците што ќе дојдат на таа адреса.